За проектот

13/06/2014 | By More

Кои се целите на проектот?

Проект го олеснува пристапот на малите и на микропретпријатијата до пазарот на јавните набавки, придонесувајќи за нивен одржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации. Од друга страна, на договорните органи проектот им овозможува постигнување пониски цени и повисок квалитет во јавните набавки.

Овие цели се остваруваат преку следниве задачи:

  • Зголемување на свесноста кај малите и кај микропретпријатијата за можностите што ги нуди пазарот на јавните набавки;
  • Снабдување на малите и на микропретпријатијата со знаење, алатки, способности и капацитети за тендерските постапки и
  • Помош на договорните органи за намалување на административните пречки што го оневозможуваат влезот на микропретпријатијата во јавните набавки.

Станува збор за три годишен проект, поддржан и од Бирото за јавните набавки. Проектот го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје во партнерство со „ЕХО“ од Штип и со фондацијата „Фокус“ од Велес.

Како ќе им се помага на микропретпријатијата?

Во рамките на проектот, на 300 микро и мали претпријатија од опфатените региони им се обезбедуваат бесплатни обуки, секојдневна асистенција и стручни консултации при регистрирање на Електронскиот систем за јавни набавки,  при пополнување на тендерските документации и при учеството на електронските аукции за тендерите.

Притоа, претставници од секое од опфатените претпријатија можат да се јават телефонски или да дојдат во еден од двата регионални центри за поддршка на микропретпријатијата (сместени во Штип и во Велес) каде што ќе им биде овозможена конкретна асистенција, или, пак, на повик од претпријатието, мобилните тимови од асистенти да одат во неговите простории за таму да му ја дадат потребната помош. Освен тоа, за подетални и пософистицирани потреби, на претпријатијата ќе им биде дадена и помош во консултации од страна на експерти за јавни набавки.

Договорните органи од опфатените региони, пак, се вклучени во низа активности насочени кон имплементација на конкретни мерки за олеснување на пристапот на малите и на микропретпријатијата во јавните набавки, во согласност со препораките на Европската комисија во оваа насока.

Кои претпријатија можат да добиваат помош?

Во проектот се опфатени мали и микропретпријатија од секоја од споменатите општини. Општите услови за учество на претпријатијата во проектот и за нивно квалификување за добивање помош се претпријатието да има производи и услуги кои се барани на огласите за јавни набавки и да има максимум до 10 вработени. Предност им се дава на оние мали и микропретпријатија кои немаат никакво или имаат сосем мало искуство со јавните набавки, како и на оние кои имаат пристап до основна информатичка опрема.

Повеќе информации за проектот:

Регионален центар за поддршка на микропретпријатија-Штип
Невладина организација „ЕХО“
ул. „Христијан Карпош“ 6/4, 2000 Штип
Тел: 032 384 143;  070 831 143
е-пошта: ed_hum_eho@yahoo.com

Регионален центар за поддршка на микропретпријатија-Велес
Фондација „Фокус“
ул. „Солунска“ 2А, 1400 Велес
тел: 043 221 583, 072 245 443, 072 245 499
е-пошта:contactveles@zanabavki.mk

Центар за граѓански комуникации
бул. „Кочо Рацин“ бр. 26/1-2, 1000 Скопје
тел./факс: (02) 3213-513
е-пошта: center@ccc.org.mk