Олеснување на пристапот на малите и на микропретпријатијата до јавните набавки
Сите мали и микропретпријатија од источниот и вардарскиот регион и Струмица кои сакаат да учествуваат на тендерите на државните институции, но немаат информации за тоа и не ги познаваат доволно правилата за јавни набавки, можат да се пријават за добивање бесплатни обуки, асистенција и консултации на телефоните: 032-384-143 (за источен регион и Струмица) и 043-212-450 (за вардарски регион) или преку пополнување на пријавата на оваа интернет страница.
Услови за учество се: претпријатието да има производи и услуги кои се бараат на тендерите, да има најмногу до 9 вработени и да располагаат со основна информатичка опрема.
Пријавете се веднаш, овде, или секој работен ден на телефоните 032-384-143 (за источен регион и Струмица) и 043-212-450 (за вардарски регион).
Кои се целите на проектот?
Целта на овој проект на УСАИД е да го олесни пристапот на малите и на микропретпријатијата до пазарот на јавни набавки, придонесувајќи за нивен одржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации. Од друга страна, на договорните органи проектот треба да им овозможи постигнување пониски цени и повисок квалитет во јавните набавки.
Овие цели ќе се остварат преку следниве задачи:
- Зголемување на свесноста кај малите и кај микропретпријатијата за можностите што ги нуди пазарот на јавните набавки;
- Снабдување на малите и на микропретпријатијата со знаење, алатки, способности и капацитети за тендерските постапки и
- Помош на договорните органи за намалување на административните пречки што го оневозможуваат влезот на микропретпријатијата во јавните набавки.
Станува збор за тригодишен проект, поддржан и од Бирото за јавните набавки, кој се спроведува во 20 општини од источниот и од вардарскиот регион, плус Струмица. Проектот го спроведува Центарот за граѓански комуникации од Скопје во партнерство со „ЕХО“ од Штип и со фондацијата „Фокус“ од Велес.
Како ќе им се помага на микропретпријатијата?
Во рамките на проектот, на 200 микро и мали претпријатија од опфатените региони ќе им се обезбедат бесплатни обуки, секојдневна асистенција и стручни консултации при изработка на тендерските документации и при пријавувањето на огласите за јавни набавки објавени од страна на договорните органи од опфатените општини.
Притоа, претставници од секое од опфатените претпријатија ќе можат да дојдат во еден од двата регионални центри за поддршка на микропретпријатијата (сместени во Штип и во Велес), каде што ќе им биде овозможена конкретна асистенција при составување на понудата или, пак, на повик од претпријатието, мобилните тимови од асистенти ќе одат во неговите простории за таму да му ја дадат потребната помош. Освен тоа, за подетални и пософистицирани потреби, на претпријатијата ќе им биде дадена и помош во консултации од страна на експерти за јавни набавки.
Договорните органи од опфатените региони, пак, ќе бидат вклучени во низа активности насочени кон имплементација на конкретни мерки за олеснување на пристапот на малите и на микропретпријатијата во јавните набавки, во согласност со препораките на Европската комисија во оваа насока.
Кои претпријатија можат да добиваат помош?
Во проектот се опфатени мали и микропретпријатија од секоја од споменатите општини. Општите услови за учество на претпријатијата во проектот и за нивно квалификување за добивање помош се претпријатието да има производи и услуги кои се барани на огласите за јавни набавки и да има максимум до 9 вработени. Предност им се дава на оние мали и микропретпријатија кои немаат никакво или имаат сосем мало искуство со јавните набавки, како и на оние кои имаат барем основна информатичка опрема.
Повеќе информации за проектот:
Центар за граѓански комуникации
бул. „Кочо Рацин“ бр. 26/1-2, 1000 Скопје
тел./факс: (02) 3213-513
е-пошта: contactskopje@zanabavki.mk
Регионален центар за поддршка на микропретпријатија-Штип
Невладина организација „ЕХО“
ул. „Борис Кидрич“ 4, 2000 Штип
Тел: 032 384 143; 070 831 143
е-пошта: contactstip@zanabavki.mk
Регионален центар за поддршка на микропретпријатија-Велес
Фондација „Фокус“
ул. „Трајко Панов“ 22, 1400 Велес
тел: 043 212 450, 070 226 025
е-пошта:contactveles@zanabavki.mk